Ribaro MK

ништо не е наивно, само така изгледа

Заспаниот разум раѓа чудовишта

 

Симона, ќе ми резервираш ли четири билети за во среда?

Фризираниот Нетмобил со мотор од Ауди А3, е регистриран за петмина, а ние бевме четворица на пат за Скопје. На пазарчето во Росоман застанавме да си купиме гајба свежо набрани желби и милион и седумстотини илјади глинени граѓани. Граѓаните ни се чинеа бајати, па ја купивме само гајбата со желби, која ја сместивме во гепекот, одма до тенџерето со договорот од Пржино, а над овалот во кој беше салатата од Евангелието по Прибе. Шесте грдички бабички што ни ја продадоа гајбата желби и мирисаа на нафталин, нè замолија да ги префрлиме до Скопје. Рекоа – ќе оделе на театар. Таму одевме и ние, зарем не? Ги зедовме. По пат, ги слушавме грдичките како се фалат една со друга со своите синови што успеале во големиот град, а гордо кажуваа и дека внуците им биле на два месеци до вадење на бугарско државјанство. Шесте грдички беа многу задоволни од достигнувањата на своите синови, исто и на своите трговски способност (нели, без ценкање ни продадоа гајба од желби), а беа и сестри. Не кажаа дека се сестри, но и слеп човек можеше да го види тоа.

Автопатот беше затворен ради снимањето на францускио филм, па моравме да одиме по стариот пат до Велес. Таа ноќ беше јубилејна – се навршуваа точно сто години од почетокот на снимањето на филмот “A fond”, кој се разбира, сè уште се снимаше, па кастинг домаќините на клучката Росоман-Велес-Гевгелија, во знак на благодарност за нашата стогодишна трпеливост, нè послужуваа со бесплатен чај од нане. Четворицата и шесте грдички бабички, продолживме по патот. Некаде пред Градско, начекавме двајца автостопери. Едниот носеше повеска со книги, а другиот нарамил тутурутка со неколку сликарски платна во неа. Помладиот се викаше Даниел Хармс, а оној со тутурутката го викале Франциско Гоја. Беше малку чудно на стариот пат за Велес да начекаш автостопер средовечен господин со тутурутка на грбот и изветвен цилиндер на главата кој се вика Франциско и во среда вечер оди на театар во Скопје, но сепак, не можевме да ги оставиме, па ги качивме и нив. Таму одевме и ние, зарем не? Се разбира дека грдичките бабички како идолопоклоненички на владетелот (кој и да е) имаа свое мислење и за серијата цртежи „Будалештини“, каде сега веќе 269 годишниот Франциско ги прикажал страдањата, будалештините, смрта или апсурдот на своето време, исто како што имаа оправдување за раководителот кој ја остави покојната Маша за касиерка во „Старица“ од сега веќе 105 годишниот убав Даниел, во која исто како и неговиот сопатник го прикажуваше апсурдот на своето време. Беше многу очигледно дека грдичките бабички сестрички, имаат нешто многу против реалноста(?) на апсурдот.

Продолживме понатаму. Чичкото што работеше на патарината кај Петровец, нè замоли да качиме уште тројца патници, а за возврат вети дека ќе ни ја прости патарината во износ од 40 денари, или 1 евро за странци. Се кандисавме. Патниците беа: Братислав – Бато, Фернандо VII и Јосиф Џугашвили. Рекоа, ќе одат во театар. Таму одевме и ние, зарем не? Ги зедовме и заминавме. Двајца од тројцата нови патници, молчеа целиот пат, но Бато – тој (како што се испостави покасно) неисцрпен скопски фраер, попатно, ни ја раскажуваше приказната за неопходноста на садење на липите во Скопје, во  педесетите години од минатиот век, за потребата мирисот од липите да ја сокрие реата од скопските ќенефи, зашто градот тогаш немал фекална канализација. За тоа време, Хармс и Гоја счучурени еден до друг седеа на предното седиште, а безбедносниот појас толку лошо беше му се обвил околу вратот на Гоја, што Фернандо VII се надеваше дека појасот ќе ја заврши работата место него. Влеговме во големиот град. На постојката кај Битпазар, ни мавтаа да застанеме и да ги земеме со нас истите оние милион и седумстотини илјади глинени граѓани што ни се видоа бајати кај пазарчето во Росоман, па на инсистирање на шесте грдички бабички, застанавме и ги качивме и нив. На качување, глинените рекоа дека одат во театар.

Таму одевме и ние, зарем не?

12243400_428367257353725_741512111592813096_n

(фотографија од фејсбук страната на претставата „Заспаниот разум раѓа чудовишта или Денес не напишав ни збор“)

Стасавме. Од Нетмобилот слеговме сите – ние четворицата од Прилеп; шесте грдички бабички од пазарчето од Росоман; Гоја и Хармс од Градско; Бато, Фернандо и Сталин од Петровец и милион и седумстоте илјади бајати глинени граѓани од Битпазар.  Тетката што продава билети кај црвената печурка, рече дека претставата е започната.  Сè ми се чини дека Сталин и Фернандо VII, немаа купено билети, но Бато како искусен скопски фраер и добар познавач на реата од скопските ќенефи ги прошверцува покрај чичко Антони Буеро Ваљехо, кој ги кинеше картите на влезната врата од театарот. Театарот имаше точно 120 седишта, па лесно не собра сите нас милион и кусур патници од фризираниот Ауди А3, со платени билети. Четворицата од Прилеп, бевме седнале на вториот ред помеѓу третата и четвртата грдичка бабичка, веднаш позади мене беа Гоја и Хармс, до нив се разбира Сталин и Фернандо VII, а позади нив пак, седнаа другите милион и седумстотини илјади бајати глинени граѓани. Ќенеф експертот, како да знаеше што се случува, па не ни седна, го снема. Статист! Светлата беа изгаснати, а завесата веќе беше крената, но ние дури по неколку моменти забележавме дека на тоа што нам ни се чинеше сцена, понапред, на дрвен троножен стол седеше професорот Милчин, а позади него во два реда стоеја: Тања, Емра, Ана, Наташа, Бојан, Драган, Мартин, Мики, Владимир, Предраг и Симона. Сите тие беа свечено убави, беспрекорно чисти и голи! Тешкиот молк, за момент го прекрши звук на тап сврбеж на чоја – петтата баба си го чешаше задникот. Чекаа тие, чекавме и ние. Ние, вџашени од нивната убавина не знаевме што да очекуваме, освен да се воодушевуваме на глетката, а тие… тие вешто ја сокриваа мачнината од смрдеата на нафталин што баздеше од шесте грдички бабички, а сè ми се чини и од сите ние што дојдовме да гледаме претстава.

Сето тоа беше малку чудно, но очигледно претстава имаше, зашто овие – убавите и голите се смееја и плачеа дури гледаа во нас, но и очигледно беше дека ние збунетите од оваа друга страна на завесата не сме публиката, ами сме на сцената. Траеше тоа онолку време колку што му требаше на Хармс да напише макар и збор, а на Гоја да наслика макар и една мрачна црта. Траеше вечно! Не знам дали и успеавме некогаш да излезиме од претставата, зашто, иако завесата се спушти за сите нас, шесте грдички бабички, Сталин и Фернандо VII, сè уште инсистираа дека ние сме публиката, а не тие другите – убавите и голите, но знам дека во тие моменти на препирања, некако успеав да му ја подадам чашата со чајот од нане на професорот Милчин во знак на благодарност за убавата глетката од тие позади него. Инаку, тоа беше онаа иста полна чаша со чај од нане што ја чував уште од клучката Росоман-Велес-Гевгелија, а ни ја подарија кастинг домаќините во знак на благодарност за нашата стогодишна трпеливост од сè уште не снимениот француски филм. Во тој единствен момент на примопредавање на чашата, успеав да украдам и еден поглед на Симона, во кој прочитав дека не мора да ја кажувам онаа вечно повторувана реченица на збунетите актери од оттаде затворената завеса:

– Симона, ќе ми резервираш ли повторно четири билети за истава претставата што ќе се игра наредната среда?

 

Ви се допаѓа? Споделете го со вашите пријатели

Би можело да те интересира:

Коментирај со Фејсбук:


Sponsors

  • Лиценца

    Creative Commons License
    Овој блог - дело by ribaro е лиценциран со Creative Commons Наведи извор-Некомерцијално 2.5 Macedonia License.
    Засновано врз работата на блогот: ribaro.mk.
  • Пик

  • Категории

  • Архива