DEPECHE MODE – најдолгиот ден

Денес (21.06.2006) е најдолгиот ден во годината. Имав уште една пробдеена ноќ, а сега е  4:00 часот.

На Пеко му се скрши шофершајбната и ми прати абдал таксист. Абдало мрчи со немање на работа и ниски тарифи уште нетргнати за Скопје.

Денес е денот Д, денес е денот за DEPECHE MODE. Јас и Ана, Златко, Данче, Секулич, Марија и Горан се слеавме со уште 14 автобуси. Енко успеал да се надмине себеси и да организира река од 700 запалени модовци, а уште колку се со приватни возила останува да нагаѓам.

Деве Баир.  Цели 24 часа од мојот последен сон, а уште цели 10 часа до почетокот на концертот.

Софија. До сега трипати сум минел покрај неа, никогаш не сум бил во неа (бреј…. перверзија излезе муабетов..), а некако велелепна ми се гледаше од далеку.

Сум се заебал.

Софија мирисаше на: смог, прашина и чист Балкан со своите гнасни улици и срдечниот народ. Се на се, ми годеше Балканштијата. Блиска ми беше и гнасата што се соединуваше со моите бледоизбледени фармерки и оддаваше впечаток на припадност.

Газев на туѓа земја за која ме учеа (како мал) дека е непријателска, а јас се чувствував попријатно овде одколку кога ја носев црвената марама која ме гушеше и во вратот и во животот. Сега, обезмарамени, ги одврзуваме јазовите и се соочуваме колку сме исти во нашата различност.

А можи и да не сум се заебал.

Можеби велелепноста ја барав во градбите, наместо во душата на градот. Градот имаше душа, како впрочем и целиот Балкан.

Се согласувам со оној претходен впечаток… со впечатокот кога минував покрај неа.

Незнам зошто, но ми одекнуваше Прециоус, можи заради тоа што останаа уште 4 часа до почетокот на концертот. Кога влеговме со Ана во Локомотив стадионот од разгласот одеше THE CURE, а имаше уште три часа до A PAINT THAT I’M USED TO.

21:00 часот, а небото над Софија не беше темно. Од педесетилјадната еуфорија грлеше едно име:

DEPECHE MODE

Зошто уште не се стемнува? – се запрашав.

Одговорот беше на почетокот од постов.

Сите ја мирисавме свежината на бумот  што следеше.

И?!…

И би… БУМ!

Неполни два часа еруптираше, а тоа што беше плод на ерупцијата, не се кажува… се доживува.

Сепак:

– Болката на која се бев навикнал и која ја чекав пет и кусур месеци (картите за концертот ми беа купени некаде во јануари) – вредеше… A PAINT THAT I’M USED TO…
Само прашање на време беше желбата што мислев дека никогаш нема да ми се исполни и ми се исполни… ги видов… A QYESTION OF TIME…
и неизвесноста што ја чувствував се до тој ден, ја пропатив добро… SUFFER WELL…
а тие беа моите драгоцени… PRECIOUS.
Ги оставам овие спомени во чевлите и им посакувам на  сите да одат во моите чевли…WALKING IN MY CHOES…, да го живеат моментов.
Фронтменот цврсто застана зад воланот… BEHIND THE WHEEL …
и успеа да го разбуди мојот личен Исус… PERSONAL JESUS…
чудно беше што се чувствував како да сум дома… HOME …
и така соголен… STRIPPED …
чувствував,,, I FEEL YOU,,,
дека ништо не е невозможно… NOTHING’S IMPOSSIBLE …
дури ни тоа дека јас можам да уживам во тишината… ENJOY THE SILENCE
па дури и да живеам во тишина… LEAVE IN SILENCE …

Искреноста што ни ја порача за крај се надевам дека никогаш нема да не напушти повторно … NEVER LET ME DOWN AGAIN…

и одеше повеќе како молба од нив кон нас… NEVER LET ME DOWN AGAIN
отколку како прекор… NEVER LET ME DOWN …
NEVER LET ME DOWN …

Цел живот го чекав ова, а немав спиено последните 50 часа.
Го чекав најдолгиот ден на годината и го дочекав ова…
Во најдолгиот ден од годината.