Мртовечко сокаче

rosemarys-baby

Претпоставувате ли зошто во вечерашната претстава „Швејк во Втората светска војна“, главниот лик – Швејк (Владимир Ѓорѓијоски), не се појави да ги собере аплаузите откако заврши претставата, а на претходната буквално го измолкнаа од сцена колегите кога беше завршниот аплауз, зашто и тогаш упорно објаснуваше дека оваа претстава не е театар, туку она што ни се случува? Претпоставувате ли зошто не ми се одеше на пијачка со моите пријатели откако заврши претставата, туку брзав да претпоставувам тука? Бадијала претпоставувате…

Тоа за вас е далеку? Далеку е три патарини во еден правец, а на моите прилепчани далеку им се и оние 50 метри од Мртовечко сокаче до главната порта на Театарат. Што ви е вам блиску? Вам блиску ви е некој споменик, па го облекувате, покривате, соблекувате и уривате, а на чаршиските мои Итарпејовци блиску им е кој главуч е на менито на татко Марјан за тртење. Борете се само вие со бетонски ветерници и Орбани, ооо… Донкихотовци вие урбани и авангардни пустеници мои.  Само вие занимавајте се со поликлиничките Макала што сега сркаат од една, а после од друга лешина ќе цицаат. Само вие консумирајте умрени приватишпедизации, или претпоставки на сенилни полуумрени андовизации, или пак еве – липајте по разно-разни бизнис збиранки на извикани голомадести ѓоа хумористи. Само вие сконцентрирајте се во Градот убав и локализирајте се, а вие пак од пред Соник, премерете колку пичкини влакна има до кај Биџо и назад.

Немој случајно да се заморувате и да сте претпоставувале?!

Нема да прочитате претпоставки никаде. Во ниеден весник, на ниедна телевизија утре нема да претпоставуваат зошто таму некојси Швејк, во таму некојси Прилепски народен театар, не излезегол на сцена за да му аплаудираат. Утре сите вие ќе пишувате за раѓањето на новиот милионски мувлосан старо-нов театар. Утре, едни ќе го глорифицираат, а другите пак, ќе го сатанизираат Плевнеш-Пројковото Розмарино бебе. Сите ќе ја коментираат поламилионската посрана тетатарска завеса,  профитерските мевови придружувани од цицките на деколтираните позерски теткици и кој колку им се испомочал на златните писоари, а и едните и другите, всушност, наместо барем да ја игнорираат и мумифицираат премиерата во знак на револт, едноставно ќе ја актуелизираат.

И сето тоа се случува дури во закрпениот – Прилепскиот театар, стенка револуција, но никој не сака да ја породи. Да, таму – на некои педесетина метри од Мртовечко сокаче (по истото сокаче по кое порано Цуре ги носеше крстовите и поскурите на прилепчани), таму од утробата на Мартин, Влатко и дружината во страшни породилни болки се роди Швејк, се раѓа револуција.

Зошто не ја препознавате?