Големиот Циркуз

10404165_10152142784617396_7133203152518339983_nПрво се слушна една граната како рокна близу црквата, потоа од втората се стресоа ѕидовите, а народот се разбега. Гостите спраштија низ портата, а Поп Мицко летна газ-преку-глава низ олтарот, па во дворот, скршна кај бунарот и се скри зад каменот со осумкракото сонце, кој уживаше ладовина под костенот. Само мајка Цвета и кумот Раде  останаа стаписани и обајцата запулени молежливо во Светецот – молкум му се молеа на Свети Димитрија за спас на прво рожбата од Цвета и Љубе. Раде – кутриот, пребледен силно го стискаше Михајло во рацете, а Цвета преплашено ја тресеше правта, де од веленцето со кое беше покриен Михајло, де од својата шамија, која ја плетеше во самотните зори дури чекаше да слушни некаков абер од Љубета.

Во Локвица немаше стационирано партизани, но Германците не влегоа мирно во селото, Германците напаѓаа.

Ми остана детето недокрстено! – крикна Цвета!

Љубе имаше 16 години кога го оженија, шеснаесет и пол кога замина во партизани. Цвета пак, тогаш имаше 18 години и стомакот поприлично и се заприметуваше. Не знам како е правилно: „замина во партизани“, или пак „го зедоа во партизани“, ама Љубе беше партизан кога му се роди првото дете. Веста за рожбата ја разбра на Бакарно гумно, од Војче од Крапа – курир во Кичевско-Дебарскиот, а со Охридско-Ресенскиот баталјон каде митролезец-нишанџија беше Љубе, се сретнаа во средината на Октомври. Пред да му га нарамат митролезот, Љубе, оставил абер, ако е машко да се вика Михајло, а ако е женско да се вика Дева. Михајло му се родил на 10.10. 1943та година.

Љубе пред да замини во партизани немаше чколија, но беше писмен. Цвета го научи многу повеќе од само да се потпише. Цвета беше прва во класот до осмолетка, за потоа да не продолжи, иако српскиот учител Миливој гледаше потенцијал и инсистираше да ја прати во Белград кај својата жена за да го продолжи школувањето. Татко и на Цвета –  Ѓорѓија, силно се спротистави на тоа и ја ожени за Љубета од Поповци. Кога се преселиле од Охрид во Поречијата, Поповци немале поп во фамилијата, ама лоза од попови имале дури живееле во Охрид, па така сите ги знаеја како Поповци од Горно маало. Во Локвица имало две маала – Горно и Долно. Муабетот бил дека тие од Горно биле за Србите, а Долно маало биле за Бугарите. Во селото немало нит Турци, ни други, сите биле Македонци. Поповци по табиет биле терсене луѓе. Кога Софронија – татко му од Љубе, квечерина ќе се враќал од Брод, сите подзабегувале. Го викале Софронија  Секирчето. После Војната, кога работел во Битола на Железничка станица, секој ден пешки си идел по пруга од Битола до Прилеп. Во војна, или не, Софронија од секирчето не се делел, секогаш му било опашано од десната страна на каишот. Дури Љубе се носел со митролезот низ планини, Софронија знаел да се носи и со нискиот раст и со секирчето и со мустаќињата, па Цвета, Михајло и Јоца (Јованка – сопругата од Софронија), никогаш гладни не останале.

Љубе бил првиот нишанџуја од Локвица кој од батаљонец станал бригадир летото 1944та. Начул дека за Свети Илија се спрема собир на умните некаде Кумановско, па го молел-штурел Ѓорета  да го земи во одредот кој требало да ги чува дури овие заседаваат. Вистината е дека Љубе знаел дека одредот на патот за кумановско, мора да помини низ Локвица, па сакал да ги види плаво-проѕирните очи на Цвета, и Михалјо сакал да го види, ил бар здивот да му го помириса за прв пат на тогаш веќе деветмесечниот син. Влегол Љубе во одредот кој требало да биди главното обезбедување на Првото заеседание на АСНОМ, но рутата во последен момент ја смениле, па се одело преку Гостиварско, наместо низ Поречијата. По два дена одење, стасале во Прохор Пчински. Слушал Љубе дека тогаш се удирале темелите на македоската државност, го видел и дедото кој заседавал, чул и песна-химна ко почнувало… Видел Љубе триста чуда тие два дена, некои ги разбрал, а повеќето и не ги разбрал, ама Михајло не си го видел и тука за него завршувале сите разбрано-неразбрани декларации, Брашнари и Изгреј зори.

Два пати куртулил на Сремски фронт. Првиот пат за влакно швабото го промаршил, па му делнал дел од левото уво, а вториот пат го потфатил во левата надколеница и одлежал добри две недели во стационарот во Шид.  Кога се вратил во Локвица,татко му Софронија и мајка му  Јоца го беше зеле Михајло со нив во Петрово, па Љубе го видел сина си дури по два месеци, кога Михајло имал неполни две години. Кога стасал Михајло за на училиште, Љубе и Цвета веќе имале народено уште 2 деца. Првата Петтолетка, ги натерала да се селат во Прилеп, ама Турците од каде што требало да ја  купат куќата во Вишне маало, ќе се селеле за Измир дури по две години. Одлуката паднала Михајло да живее со Турците, за да може да оди на училиште. Мемед и Назмие имале пет деца, Михајло им бил шестото дете, а тие две години дури живеел кај нив го гледале како свое.

Велеше:

– Турски зборував како турче. Мемед ми беше како татко, а мајка Назмие не ме делеши ни од Али, ни од Мазес ни од Ѓултен, ни од Орхан. Мухамед беше поголем од нас,  не го запознав, него го имаа пратено во Измир за да седи во куќата која ја беше капариле. Ха… исто како мене што ме имаа оставено моите.

Средно училиште Михајло, учеше во Штип, седеше во училишниот интернат, а факултет  запиша во Белград. Во Белград седеше во Студентскиот град, а во Белград го служеше и воениот рок – Титова гарда, на стража кај Кардељ.

Со Љубе, немаа блискост како татко со син. Љубе за таа изгубена блискост со првородениот, како и за изгубениот дел од увото, го кривеше Првото Заседание на АСНОМ. Михајло пак, не кривеше никого, зашто знаеше дека едноставно тоа беа различни светови, а и различно го перципираа светот околу себе.

И така почна сè!

Другар му Гоце имаше прекумерна тежина, братучед му Атанас остана без работа, внука му Виолета го изгуби малото прсте од левата нога, кумот Раде ја изгуби на коцка цела сермија… и сите тие и сите други од различни причини и со различни изговори за својата несреќа и загуба, го обвинуваа Првото заседание на АСНОМ. Мишо (како што го завикаа Михајло во војска, па му остана за цел живот) уште од мал научи да ги разликува луѓето: на оние кои за својата несреќа го обвинуваа Првото заседание на АСНОМ, и на оние другите.

После првата петтолетка во Републиката на која темелите и беа удрени на Првото заседание на АСНОМ, се формираа три партии: АСНОМ, ААСНОМ (Анти АСНОМ) и Партијата на Кловновите. До десетата петтолетка работите за Асномците одеа горе-долу добро, но потоа, во дванаесетата петтолетка презедоа Антите и работата тргна како кога побегна Поп Мицко од крштевката на Михајло – газ преку глава. За сето време Партијата на Кловновите мируваше во полу-илегала. Основните принципи по кои се раководеа Кловновите беа придобивките од АСНОМ, но она по што се разликуваа од Асномци беше тоа што Кловновите не застануваа само на тоа, туку одеа на прогресирање на заклучоците и придобивките од декларациите кои произлего од АСНОМ. Тоа нивно прогресирање не им се бендисуваше ни на Асномците ни на Антите, па така Кловновите одеа сами во борбата за своите уверувања, а како што одминуваше времето а овие други две партии запаѓаа во догма, Кловновите останаа единствените темплари на придобивките од Првото заседание на АСНОМ. Мишо, не беше партиски определен. Да и тогаш имаше партиски неопределени, но беа многу малку. Мишо имаше едно дете – син. Синот му се роди со румени обравчиња, црвено носе и насмеани очи, а пуцвалестата зелена косичка допрва требаше да му порасни. Знаете, тие од Партијата на Кловновите, не стануваа кловнови по политичко убедување, тие се раѓаа како кловнови. Долго време Асномците и Антите се обидуваа да дознаа зошто е тоа така, но одговор не најдоа. Асномците се обидуваа да ги надраснат предрасудите, Антите пак не ги сметаа предрасудите за зло, ами ги нагласуваа различностите, додека Кловновите не се ни обидуваа да ги надминат предрасудите, туку тие се раѓаа без предрасуди. Тоа беа разликите помеѓу трите партии. На крајот од четиринаесетата петтолетка, Аснмците сосема папсаа во беспоштедната борба со Антите. Толку многу снеможија Асномците, што потребата да преземат Кловновите поголема одговорност околу Републиката, се наметна сама по себе. За тоа Антите беа свесни и сета машинерија ја навртија кон расштрафување на Големиот Циркуз, каде беше главното седиште на Кловновите. Циркузот пак, тогаш беше едно многу весело место. Таму индивидуалното немаше страв од колективното, чистата мисла се пренесуваше заразно, а различноста во начините како да се стаса до целта раѓаше квалитет, а не антагонизам. Тоа и такво функционирање на Циркузот не можеа никако да го сфатат ни Антите, ни Асномците, и тоа беше нивната најголема слабост и страв.

Единецот на Мишо ја имаше таа среќа не само да се роди како Кловн, туку во својот ген да го носи и кодот за мистеријата на раѓањето на кловновите. И ќерката од единецот на Мишо, се роди како кловн. Кон крајот на дваесетата петтолетка од Првото заседание на АСНОМ, Асномците повеќе ги немаше, Антите го испуштаа својот последен здив, а моќта на Големиот Циркус беше сега непотребна. Непотребно беше и решавањето на мистеријата за раѓањето на кловновите, зашто сите што се раѓаа после деветнаесетата петтолетка се раѓаа како кловнови.

Аманетот што го оставија тие што неволно ги чуваше Љубе (неволно зашто ради нив не успеа да си го прегрни сина си), дента – таму на Прохор Пчински на вториот Илинден четириесет и четвртата, дури после дваесетата петолетка тој аманет доби вистинска реализација, а не проформа, а обидите на тие што низ историјата на Републиката искрено се доближуваа кон тие вредности, останаа запишани на влезот од Големиот Циркус кој сега беше пренаменет во Музеј.

Тоа, внучко мој, е овој музеј каде што сме сега. Ако внимателно забележа, имињата на сите овие што ти ги раскажував беа напишани на таблата во одделните поставки. Тој – чудниот лик со брадата и со црната капа и мантија беше Поп Мицко. Таа – убавата мома во селски алишта беше Цвета, а тој намќорестиот висок партизан беше Љубе. Тој со петокраката беше комесарот Ѓоре. Мишо беше убавиот човек со црна коса, а синот и сите други понатака можеш да ги препознаеш по румените образи, црвеното носе, веселите очиња и зелената виткана косичка, иста  како што е и твојата сега.

И едно да запаметиш внучко мој:

– Твојата посебност како кловн, сега кога конечно сите сме кловнови, е она што те прави единствениот кловн на сите времиња.  Сето ова другово, е историја која мора да биде заробена во некој музеј што некогаш бил Голем Циркуз, а кој сега се вика: Музејот на Дваесетпеттолетниот од’ од Првото заседание на АСНОМ!

постирано за: 70 години АСНОМ, Социјална Секуларна Република. линкSSR8-212x300

Обрачот

Како и твоето, така и нашето маало си имаше маалски силеџија. Овој – нашиов, не беше голем и незграпен по раст, но имаше двајца големи браќа шо не тероризираа константно. Ние имавме околу 11 години, а тие – Кусио, Селото и Целе, ни го земаа џепарлакот секогаш кога че не начекаа сам-по-сам. А, нè начекуваа често.

Со мене завршија тогаш, кога татко ми се враќаше од оние воени вежби на кои одеше често во офицерска униформа и сосема случајно ги начека како ме тормозат, па ги збрка. Татко му од Боби пак,  работеше на бензиска и неговата униформа тогаш не беше толку страшна. Јас и Боби, бевме 80 кг. жива мера заедно, а поединечно за глава помали и од Сашка и од Моника.

Беше жешко, при крај на школската година. На големиот одмор седевме зад училиште под боболката. Се појавија од нигде-никаде. Мене ме одминаа, а Боби го претресуваа. Селото стоеше по страна, а Кусио почна да му превртува по џебовите. Боби се измолкна некако и летнавме да бегаме в училиште. Се збоднаа по нас, Бегавме и ги пцуевме. Не не стасаа. Чичата Лаке, со поглед нè испрати од канцеларија и дур му текна да нè праша шо-како, му ја спраштивме. Во училницата беа присутни половина од учениците од класот.

Боби се избендери на првата клупа и раскажуваше шо ни се случи, па на крај рече:

– Јас пари појче на битангиве не му давам, нека ме тепаат!

Штама. Се пулевме еден во друг и машки и женски – такви жгољави ко шо бевме и невредни за тепачка и знаевме дека че го кркаме стапо. Заврши последниот час. Боби тргна, ние – и машки и чупиња, како и што се договоривме претходно, тргнавме по него и околу него направивме обрач. Надвор седеа Кусио и Селото, а Целе држеше некој џукац, врзан околу вратот со конец за тутун. Џукелата повеќе се давеше отколку шо лаеше, но битно од муцките се пењеше, впрочем како и Целе. Го чекаа Боби, нè начекаа сите нас. Се здрвивме. Траеше тоа момент-два, па тргнавме. Тргнаа и тие по нас. Ќутат тие, ќутиме и ние и одиме накај Типските, кај шо пред некое време се преселија Боби. Се слушеше повремено тажачката на џукелата, како резултат од неписмените чворови шо беше му ги околувратил Целе пијаницата. Ми беше срам да кажам дека ми е страв. Не знам за другите, но сигурно и на Моника и беше страв, зошто ми ја искина подлактицата од стегање, ама одевме така како жив обрач околу Боби.

Кусио не пцуеше сите по цел пат, но немаше газ да чепни ни еден од нас. Бевме силни заедно. Бар така си мислев дека другите мислат. Јас пак, знаев дека че се спасиме ако стасаме до мостот кај оградата на која шо пишуваше – Тексас маало. Тоа беше територијата на Баксузи – другата маалска банда отаде реката.

Стасавме.

Си заминаа.

Никогаш повеќе не ни побараа пари, на никого од нас учесниците од обрачот околу Боби. Понекогаш дури и се поздравувавме со Селото ко че се сретневме.

По триесетина години од тогаш, утрото – два дена после Велигден, ги видов Селото и Целе, како седат пред Менувачницата кај Участакот. Тоа е најмалиот од повеќето дујќани во Старата чаршија, шо се шушка дека ги поседува Кусио.

Попладнето, истиот ден, со полнолетната Мазда 121, отидов во Лук Оил, како и секогаш  да турам бензин  за 500 денари и да ги напумпам гумите. Тогаш со Боби се видовме и скршивме лаф муабет за последен пат:

– Кај си бе?
– Еве ме заебава деснава.
-Секогаш заебава десната. – ми рече.
– Ај се гледаме…

Не се видовме.

,,,

Уште мислам дека ги слушам тажачките од џукелата, околувратна со  чворови од тутунски конец.

Понекогаш дури и ме болат.

 (расказот е вистинска приказна)

Roberto Belicanec

 

Возот

Одев.

Не, возот одеше, а јас се враќав од една дешавка која да бидам искрен не ги задоволи моите очекувања. Видов едно чупе-две, но таа што вредеше да се има беше толку чиста во себе што попусто… Е сега, јак беше предизвикот, но некогаш мора да се одолее, не за друго, туку да се биде во тек со ситуација. Јеби га, ако сé секогаш е јасно и лесно…

Се сместив во купето каде мислев дека ќе има приказна. Имаше еден дечко на некои 20 години и еден сериозен господин со 60 годишно искуство, маки… тешко можеше да му се прочита во полумракот. Немав багаж. Со себе носев: чиста совест, ташна во која имав: три книги, една киндер чоколада, еден неотпакован пар гаќи, влажни марамчиња, убаво поминат ден… сé на сé ништо посебно. Седнав на седиштето до вратата од купето, извадив  една од книгите и се правев не заинтересиран за присутните.

Возови.
Ги сакам – спори се.

Обично се користам со таа фора – со книгата, не оти ми се чита книга кога сé се клацка, не за да изгледам интелектуално изгужван или пичкасиматерин  сериозен, ами за да останам не приметен во кибицирањето на околните муабети. Возот тргна, па застана… па тргна, но муабетот во кабината ниту тргна ниту застана. – Маме му ебем го згрешив купето, а башка и на компир манџа замириса – помислив. Веќе во Драчево се укрцаа сосе ужа покуќнина еден млад брачен пар од Десово. Е го ебав чошо и тоа во лет, а веќе беше касно за пишманење.

Арно се токмев да се сместам во соседното купе до една студенткат што ме погледна на поминување која седеше заедно со едно помало чупче во лепршаво бело фустанче, ама тоа – чупчето, си ги одмараше ножињата на седиштето наспроти неа и од пусто незгодно, а и од претпоставката дека покасно ќе се смести тука некој шмизлав што ќе сака да импресионира и да се пренамага пред студентката, се откажав и продолжив. Уф… колку само се заебав што не го разбрав погледот.

Мирисот од манџата почна да копа и колку и да се трудев да игнорирам не издржав. Ја затворив глупавата книга во која ионака блеев и вртев интервално страни колку да не ме сети некој дека фолирам и излегов во ходникот на цигара. Чепкав лево десно низ џебовите, кога, се сетив дека ги заборавив цигарите на масата во кафулето каде лигавата келнерка на Миша му истури на глава цел послужавник со пијачка.

– У пичку матер, останав и без цигари! – прос‘скав низ заби. Се налактив на држачот од долниот прозор и гледав во рефлексијата што насочуваше точно во купето на студентката и чупчето. И кај нив имаше гужва, но за пренамагачот се заебав – немаше таков. Во нивното купе седеа уште три средовечни госпоѓи. Чупчето сеуште ги држеше босите нозе на другото седиште и така малку свиткани во колената оддаваа нималку пристоен поглед(?!) – белиот сатен едвај покриваше една педа од нејзините мазни бутчиња.

Возови.
Ги сакам огледалата во возовите и рефлексијата во ноќта.

Пристоен поглед?
Ма погледот беше феноменален:
Нејзините голи…
Немам намера да…
Ме мачеа само…
Сакав да се престорам во…

Траеше тоа триесетина секунди.

Одеднаш чупчето стана, излезе и се најде до мене во ходникот. Снемав воздух. Во тој прв момент (од дрмосерлак), радо би вдишал од реата на манџата отколку од  шанелот што се разлеа наоколу, но, дробовите брзо ми се навикнаа на коко мирисот. Се обидував да се сконцентрирам на друго… курац – беше појако од мене, курацот беше појак, курот ми беше многу јак и ја диктираше ситуацијата… и мене.
Се ѕверев и се трудев да камуфлирам, а нешто почна видно да ми пулсира на десната слепоочница. Пулсираше инстиктивно и горе и долу и внатре и надвор… Горев!

Беше вознемирена.
Знаев дека јас и мојот поглед не сум причината за тоа, зашто сум ретко заприметлив, а вештачката сериозна маска со која напати вешто се служам ми беше уште еден адут.
Се заебав и по втор пат во иста вечер.
Застана на два метри од мене. Си ја поткасуваше долната усна и се поткреваше на прсти како да сакаше да ја фати свежината на ноќта од која возот се обидуваше безуспешно да побегне, или пак, сакаше во еден здив да ги доловам потпркнатите цициња и голите бутчиња, а при тоа да не мора да користам фото рефлексии и ефекти.
Успеа, барем во една од двете намери.

Сакав да гугнам нешто, ама… Ех да ми беше тастатурата при рака ќе склепав некој кападаиски муабет. Не дека пред монитор е секогаш лесно, но секогаш имаш втора опција, или трета – десна-лева, или прва – г/д/углачка комшивка… Вака, ми набабрија мадината и ми се качија до грклан како два пара крајници. Одвај собрав душа и голтнав јако. Едното маде слезе, другото не се дава. Голтнав уште еднаш, но безуспешно. Се откажав. Мајчини хормони не признаваат години, па ти прави се на удрен и моралист колку што сакаш. Низ ум ми се испревртија сите религии и светци, но никако нивната проповед да стасаат до она место каде требаше да ја скротат ситуцијата – до курот ми.

– Сакаш цигара – ми вели чупчето.
– Сакам?.. Да, да, благодарам, си ги заборавив моите кај…
Ме гледа право в очи. За чудо и јас возвраќам со иста мера.
– Ти смета чадов? – надоврзува.
Не, но..
Ја фрли цигарата на подот и ме замоли да ја згазнам. Се пулев во нејзините голи стапала и го згазнав отпушокот. Тогаш, по големината од отпушокот, констатирав дека поминале цели 5 минути од првиот дим.
– Рефлексијата има двојна насока и можеби можам да ти помогнам со товарот кој невешто се трудиш да го скриеш! – ми дофрли со насмевка додека ја отвораше вратата од купето.
Останав зинат, но немав време за лапање муви. Во моментот додека чупчето влегуваше во купето, излезе студентката во ходникот. Имаше црна пеглана коса, излитени фармерки  и за годините необично искусни очи.
Ме погледна под око и ладно ми вели:
– Триесет!
– Што триесет? – прашав.
– Триесет евра и го добиваш клучот од службеното купе.
– До каде одиш, до Битола, така?
– Но, но…! – почнав да пелтечам.
– Што но? Имаш или не?

Возот влезе во долгиот тунел пред Богомила и ми даде таман време да се соземам. Знаев за што ми зборува, но дилемата ми беше со кого треба да влезам во службеното купе, па затоа се испулив во чупчето кое седнато целеше со погледот кон мене.
– Да бе будало една со неа, па не помисли ваљда дека ќе ме имаш мене за 30 евра, ебате дебил надркан! – се издра , а возот се уште не беше излезен од тунелот.
Не ми се веруваше што ми се случува. Имав само илјада и петсто денари кои ми беа планирани за сметката од мобилниот. Буричнав во џебот и и ги тутнав сите в рака. Се искези, одмавна со главата накај чупчето и на наредниот чекор веќе се разминаа во ходникот.
Го отвори купето:

Босото…
Столбовите поминуваа во мракот…
Држачот од откорнатата корпа и послужи…
И го насукав фустанчето оклу половината…
Колковите…

Возот забавуваше и заедно со кочниците кои цвилеа, крикна и таа и заеднички ја прераскажаа сагата за старите шини и студентскиот живот.

Се стресив, истресив, ме бакна во вратот таков како што бев испотен и наведнат на нејзиниот грб и ми рече:
– Должен си уште триста и педесет денари!

Не реков ништо. Се прибрав некако до моето купе. Тука се уште мирисаше на манџа и застоени муабети од молк.
Не бев спремен да се носам со уште час-два пат. Се симнав во Богомила. Седнав на каменот под дрвото и додека гледав како возот се губи во мракот, се сепнав… ја заборавив ташната.
Жал ми беше за книгите кои беа прво издание со посвета, но едновремено се чувствував радосен и полесен за неколку грама совест од која избегав и олеснат за два-три милиони полноглавци што вешто ја искомпликуваа целата работа.
Навистина ми остана како компензација приказката, но тука беше и не платената телефонска сметка, така да…
Наредниот воз беше по 5 часа, таман време да смислам алиби за изгубениот пар гаќи.
Ја наведнав главата и тогаш – зашто немав сила да ја подигнам, сетив дека сум премален. Успеав некако да го совладам уморот и погледнав напред. Се напнав, ги стеснив зениците и во мракот – од другата страна на пругата го видов чупчето со белото фустанче.
Беше боса. Ја премина пругата и седна на каменот до мене.
– Јас сум Ангелина.
– Дојчин – промрморив.

Нема бегање…

Technorati Tags: , , , , ,

Таа

Image Hosted by ImageShack.us

Ги проколнуваше точно 172те скали, лифтот по обичај не работеше. Здивот го стегаше во левиот крајник, а погледот му заглави на нејзиното лево голо колено кое ја запираше црвената врата на фризираниот  „Опел – Тигра“ да го заврши неговиот копнеж. Во тишината се истури звукот на „Тиграта“ и тој остана забезекнат во своите (сега веќе) сеќавања.

Башка жешко пиздаму материн, или мене ми беше?
Се криев за да ме види дека сум скриен.
Зошто мораше да погледнува нагоре со секое нејзино излегување во двор?

… Но, ајде од почеток:

– Еден ендек по природа и со природни погледи кон околината а посебно женската околина и облина, се беше зацапал во невидливото блато. А тоа – блатото пак, по природа  си имаше една цел: да ја забрља или затскрие сопствената кашканција. Вака сега кога гледам отстрана ми се чини како и ендекот и блатото ист  колаж да правеа, но со различни техники на нијансирање

Таа имаше долга костенлива коса.
Него не му беше потребен двоглед.

Таа сакаше  неговиот поглед да ги милува нејзините нозе.
Тлото под него не беше стабилно.

Флуиден беше моментот и тешко се носеше со конкретната блискост…
Неговиот јазик беше вулгарен:

Слези бе чорав, да не сакаш в раце да те носи – изустуваше во себе.
Иако во главата му се вртеа не толку благородни мисли, беше достоен на ситуацијата.

Косата пак се лелееше… стасуваше некаде до струкот, а тој беше гол – онолку  гол, колку да ти потечат сите животни сокови и да те акнат од земи. Остана акнат. Таа влезе внатре во куќата. Дворот беше камелеонски пресликан. На моменти исполнет до максимум, а сега пуст и влажен. Не, не ми сметаше влагата, напротив, делуваше стимулативно, како само таа да успеваше да ги врзе непомитните нишки што се јавуваа помеѓу нејзините појавувања. Од друга страна, ништо не можеше да ја надополни нејзината отсутност.

Битката се водеше во неговиот кукавички микрокосмос. Ја грабна врвката од очилата – ја наглави,  го поднамести чудото од фризура, ја јавна дрмосерската ќуд – ја заузда, и се пушти по скалите колку шо го држеа нозете и толку колку што му чуреше газето цвикачко. Некој глас од седмиот кат го поколеба за момент:

– Абе не сакам! – липаше, да не си се јавил повеќе… слушаш, а , слушаш бе, како не ти е жал животот ми го упропасти…!?! – липаше плачливиот глас на Арна.

… продолжува …

Тангата и Џими Бамбуча т.е. Јас

Pointer: – 42о 39’ 13.23” N, 27о 42’ 52.76” E

Јас и другар ми бевме во некој Бамбуча фазон и кај координативе од погоре  џускаме фанта егзотик со кирилична поддршка, но помалку шамарчина кркаме него батките од рекламата. Така осмелени и распиштолени шараме туристички. Околу нас распекмезени и чоколадирани телца кулираат опашани со врвки – колку да се речи дека  носат нешто де…

Чекај да го мутирам тевево, ме гњават премудрите – Бонева и Шема.
Маме му ебем нивно – ми ја зедоа мислата!

Ок е сега.

Шо ми беше зборот?

… А да:

Таман се паркиравме на едно пораат парче од плажата почна да фрчат прекорни подгледи од женската ни рода наша судена.

– Ехејјј, полека ќе ти падни вилицата, страмота е еј! Ајде бе, нека ти дојди некое бате и нека те скрши од мање, па да умрам од смеа.
Цццц…  а овде ми се прават либерални нешто, као кул женски, совренмени. Со ишарет се договорив со другар ми да ги кандиса да влезат во вода, за бар некое кадро да штракнам раат, за да има на Ба‘ла да му се фалиме, ако не друго.

И би така.

Далечина 2/3 метра.

Како да штракнам ама да не ме сети чупчето па да пукни брука? Зедов апаратот ѓоа прегледувам некои слики од предходно – штракам на среќа накај целта. Штрак една – курац, само песок сум фатил… штрак уште една – пак курац, уствари песок. Поштракав така и се праев на удрен едно дестина слики, а чипчето се префрлаше по крпчето де лево де десно. Ме сети шо колтук сум, ама само се насмеа и толку. Овие шо ги пратив на пливање, мука немаат, а јас шо од жештина, шо од страм жива вода се препотив. Де нога на нога, де на стомак со предходно ископана дупка во песокот, не бе никако не го бива – се измачив гревчето. Видов сум фатил едно кадро и тогаш задоволен се опуштив под сенката што чинеше точно 18 лева.Photobucket - Video and Image Hosting

По некое време се зададоа три четири пичлемина на возраст како и рипчево шо ме изнамачи. Едно од батината извади камерче, се разџари лево-десно и го зауши чупчето. Стана батката – се измолкна над чупето, ја впери камерата накај него и почна да снима движејќи се полека околу. Потоа клекна на колено и ја снимаше оддалечен едвај толку колку да не ја удри со објективот по газе. Како шо лежееше на стомак, таа се заврти, го погледна, се насмевна и полека го соблече горниот дел од купачите.
На плажата вриеше од луѓе, но ова беше претстава од двајца а јас единствената публика. Батката не се изненади, помина лево-десно со камерчето, го затвори по едно дваесет секунди, си ги стави очилата, потоа се заврти го нарами ранчето од кое ѕиркаше фанта (иста како нашата со кирилична поддршка) и замина. Муабет немаше. Јас, ококоравен, незнаев на кого да му се воодушевувам: дали на дарот природен со белата врвка ѓоа купачи или на батето кое ношарлантно ја овековечи убавината.

Се тешев со тоа што барем го косумираме истиот пијалок, кога веќе не го делиме к‘сметот. Наредниот пат знам како треба – помислив охрабрен од искуството.

… А видов дека и фантата има различна кирилица од нашата иако вкусот е горе-долу ист.
Така вџашен ги пречекав пливачите, но ништо не им спомнав.
Туѓа земја и туѓи искуства – заклучив утешно.

Кого лажеш бе брат, А?

Моето име е Џими Шулу-Пулу  Бамбуча

Покрај огнот

Image Hosted by ImageShack.us

Коледе. Покрај огнот седум-осум души и една вистинска прикаска. Раскажувачот, 75 годишен човек:

– „Таа зима – ‘50 година имаше снег метар и половина. Ние бевме тројца студенти од Прилеп во Скопје. Бевме сместени во стан кај (ми го кажа името, но не го запамтив) најпознатиот градски пајтонџија. Не знам што му се случи на човкот и така среде зима – јануар месец му текна дека треба да се селиме. Останавме тројцата подзинати. Каде сега ние јадни души да најдиме смештај во Скопје, па згора на тоа и среде зима? Му се нажали малку кога не виде така подзинати од очај и ни предложи да одиме во неговата куќа (која не ја користел) во Црниче.

Тогаш Црниче се чинеше како да е блиско село, но немаше друго – ги зедовме клучевите и правец таму. Седевме една недела во куќата во Црниче, а пред тоа бевме купиле за јадење и пиење и цигари секако. Снегот не престануваше да паѓа цела недела, а цигарите ни секнаа. Без јадење се можи, но без цигари некако тешко. Патот до градот беше завеан.

Наносите беа толку големи што моравме на смени да го расчистуваме патот. Откако некако успеавме да се добериме до најблиската градска кафеана, така измрзнати како пилци, се скостивме на масата до пампурот кој ни беше единствен спас. Не ни беше првпат да седиме во меаната, меанџијата знаеше дека сме студенти. Нарачавме бокал топло вино и три чаши. Го тегневме неколку часа. Меанџијата ни се пулеше со прекор и знаеше дека ја користиме кафаната како место за да се згрееме. Шаравме со погледите од немајкаде по масите, а на сите погледот ни остана здрвен, кон најблиската маса до нас.

Одкарши нас, на највидната маса во кафаната, седеше еден пицикато дотеран млад господин со лептир машна, шешир и бастун. Не погледна, се насмеа под мустаќ и со очите го повика меанџијата. Промрмореа нешто и наредниот момент, ете го менаџијата како иди кон нашата маса. Во меѓувреме господинот од видната маса, стана, успат со наклон ни накриви шешир, се насмеа и продолжи со палзи-лери чекор кон излезот.
Меанџијата почека да ја напушти господинот меаната и ни се обрати: – Од денес оваа маса секогаш ќе биде резервирана за вас. Ваше е да одлучите дали ќе јадете или само ќе пиете и ќе се греете, а за другото сум задолжен јас. Останавме подзинати (по вторпат во една недела), а меанџијата ни го разбра прашањето: – Господинот што пред малку замина се погрижи за се‘. – Кој е човеков – прашавме хорски и се испуливме еден во друг? – Тој се вика Петре Прличко и е глумец. Во моментот името не ни значше ништо, неговата човечка големина ни бепе поважна од неговата професија. Знам само дека уште еднаш, во меаната не се сретнавме со Петре Прличко.

Во меаната одевме дури не заврши зимата. Јадевме и пиевме – не велам не, ама со усул, но не ја користевме веќе за греење. Се греевме во зградата на Театарот, кој ни ги грееше и коските и душата. Ете тоа внучко е човек-големина, – заврши колегата коледар со својата приказна.“

Продолживме да ги м‘цкаме колбавчињата, а јас бев среќен и покрај фактот што шура ми ми истури цела чаша црвено вино во скут.

… Има луѓе – помислив.