Љубов Орлова 2.0

Според најновите информации на The Independent, бродот на духови „Љубов Орлова 2.0“  за кој се претпоставува дека е со површина од 25.713 километри квадратни и полн со стаорци канибали – 2.114.550 стаорци по последниот попис (извор Хомеровата Одисеја и Библијата), и плови по меѓународните води повеќе од 2000 години, навистина постои. Никој не знае каде точно е упатен бродот, која била целта на патувањето, но  библиските извори претпоставуваат дека мисијата на експедицијата била ширење на љубов и единство и спојување со далечните неоткриени територии на запад. Но, што се случило? Некаде при крајот на патешествието, по цели 20 и кусур години од тргнувањето, кога неоткриените мирољубиви територии се наѕирале на хоризонтот, главниот стаор кој бил и капетан и кормилар на бродот се пореметил и во лудилото почнал да ги јаде прво другите членови на екипажот, а потоа и сопствените деца. Бродот тогаш го сменил курсот на движење, па почнал да се движи од крајно десно, кон крајно лево на хоризонтот, но никогаш не се укотвил. Ова сè се непотврдени информации, единствено што со сигурност се знае е дека бродот е тргнат од една недефинирана точка на Балканот.

Во неколку наврати рибарски бродови тврдат дека успеале да уловат СОС повици за кои оптимистички претпоставуваат дека доаѓаат од некој побунет стаорец од „Љубов Орлова 2.0“, но сигналот многу брзо се губел, па се откажувале од потрагата. Многу бродови со ловци на изгубени богатства и ентузијасти од целиот свет, денес пловат по меѓународните води во потрага по „Љубов Орлова 2.0“, но засега неуспешно. Гласините се дека најблиску бил Индијанскиот „Сакара Мултитуп“. Од екипажот на Сакара, велат дека Капетанот Рата Суб, кога бил само на неколку весла од Љубов, се повлекол од засега непознати причини. Се шират разни приказни. Многумина велат дека „Љубов Орлова 2.0“ е само еден брод од славната флотоа на изгубената Атлантида, а други дека е измислена фикција на дедовците за да ги успиваат своите внучиња со приказни. Дали ова е само легенда, предание од нашите предци, дали и колку се стаорците точно на број, навистина ли сите до еден се канибали, живи ли се, и конечно постои ли „Љубов Орлова 2.0“, никој со сигурност не знае. Името на бродот, бројот на стаорци и површината се спомнуваат уште во Хомеровата Одисеја, па се преземени и од Библијата. „Љубов Орлова 2.0“ засега останува мистерија.

На пештерски цртежи пронајдени во Пешна – пештера блиску до градот Македонски Брод, отсликан е овој брод, за кој се претпоставува дека е „Љубов Орлова 2.0“

линк до видеото: http://youtu.be/H-tFKz09JfE

Ljubov.jpg

пара пост

ЗНМ со предлог за самозабрана

Независниот синдикат на новинарите на Македонија, како резултат на последните случувања и немоќта на новинарите да препознаат веродостојна вест и истата соодветно да ја пласираат, излезе со предлог до Здружението на новинари на Македонија. Имено, Синдикатот предлага ЗНМ да и предложат на Владата на Македонија, да се донесе закон со еден и единствен член:

Самозабрана за вршење на новинарска дејност.

Се претпоставува законот да е времено регулиран – една година, а едновремено се предлага тој период да се искористи за доедукација на комплетниот новинарски кадар во Македонија. Понатаму, се предлага посета на курсеви, семинари и работилници, кои ќе им помогнат на новинарите да ги совладаат вештините за препознавање на веродостојните вести и информации. Еден од најпознатите српски сајтови Njuz.Net, кој на последните Парановинарски бисерни вести, одржани годинава во главниот град на Нарнија се закити со златен медал, се понуди да посредува во доедукацијата на македонската новинарска фела. Едновремено, УСАИД договори комплетно отворање на архивата на престижниот The Onion.com, сè со цел да се сподели искуството и правилно да се искористи периодот на самозабрана. Нашиот репортер – Кромид Бучин, јавува дека на вонредното собрание на ЗНМ одржано вчера, со акламација биле прифатени предлозите на Синдикатот. Единствено останало да се разгледа дали периодот на самозабрана од една година е доволен, или треба да се пролонгира. Од службите за контраинформирање на Владата, јавуваат дека ќе биде проблем да им се објасни на дипломатите од ЕУ дека тоа не е нивна, туку идеја на самите новинари, но и дека се спремни да излезат во пресрет. Ако не се донеси законот вака како што е предложен, од ЗНМ се закануваат со генерален штрајк во траење од една година, што би го постигнал истиот ефект. Како поткрепа од неопходноста од донесување на законот, се повикуваат на една од основните цели и задачи:

– ЗНМ го заштитува угледот и достоинството на новинарот и новинарската професија и ја заштитува и поттикнува слободата на критичкиот и креативниот труд.

На прашањето од Кромид Бучин, зошто е потребно самозабраната да се регулира со закон, од ЗНМ досега без одговор.

Пара пост