Обука за Интернет огласување, интервју со Дарко Булдиоски

Social_MediaВо петок, 11-ти декември 2009 год. во организација на Центарот за нови медиуми ќе се одржи обука: Основи на Интернет огласување. Наталија Трајчевска и Дарко Булдиоски се предавачите на оваа обука што се одржува во Македонија, поточно во просториите на Клубот на новинари во Скопје.

Ексклузивно за овој блог, Дарко Булдиоски – комуниколог и активен учесник во локалната, регионална и глобалната интернет сфера и двигател на многу семинари, конференции од областа на новите медиуми,  познат на нет просторот како Дарко156, коавтор на блоговите Комуникации и Интернет маркетинг блог, а од пред две години и асистент на Њујорк Универзитетот Скопје, каде предава вовед во нови медиуми, социјални медиуми и онлајн новинарство,  одговори на неколку прашања:

Мислите ли дека во Македонија е создадена критичка маса на консументи за овој начин на промоција?

Зависи за кој тип на производ или услуга станува збор, но сепак за да решите да се рекламирате на Интернет не е потребна голема маса. Потребно е вашата целна публика да е таму и вие да знаете како да ја најдете и да и ја прикажете вашата реклама, се разбира и како да го направите тоа за малку пари со максимален ефект.

Кои се искуствата и ефектите од интернет презентацијата во регионот и пошироко?

Сè зависи од тоа колку добро е подготвена и управувана кампањата. Имам и позитивни и негативни примери. Можностите се големи, како ќе се искористата зависи од познавањето на целокупниот процес и од способноста за адаптирање. Позитивни ефекти и бројки секако дека има. Не секогаш се тие врзни за класичните банер реклами, туку за контекстуалното рекламирање и рекалмирањето на социјалните медиуми. Секој од овие канали носи различен ефект кој треба да се знае, очекува.

За кого е наменета оваа обука?

Интернетот е место како измислено за малите играчи. За компаниите кои немаат голем годишен буџет за рекламирање и за компаниите кои имаат производи и услуги кои се наменети за помала публика до која тешко може да се допре преку масовните медиуми. Токму за нив во прв план е наменета оваа обука. Секако, тука се и поголемите компании кои сега за сега доминираат во нашиот интернет простор кога станува збор за огласувачи, но тие најчесто одат преку своите агенции кои исто така се целна група на оваа обука.

Што повеќе се добива со ефикасна интернет презентација. Која е разликата помеѓу класичниот и интернет маркетингот?

На Интернет можете да го следите однесувањето на вашиот потенцијален купувач со повеќе детали. Може да следите каде се откажал: во процесот на нарачка, во процесот на одлучување… Може да ја видите неговата директна реакција, брзо и едноставно и веднаша да отпочнете некој вид на директна комуникација за да му понудите нешто повеќе и поразлично.

Како се создаде тимот кој стои позади оваа обука?

Како Центар за нови медиуми веќе некое време се подготвуваме за старт со вакви обуки. Едноставно, дојде време и решивме дека може да се започне. Изборот на тоа кој ќе биде активен дел од оваа обука не беше воопшто тежок. Секој од нас во тимот си има свој домен во кој повеќе има искуство и знаење. Јас и Наталија сме поблиски со овие теми, тоа може и да се види и со основањето на емаркетинг блогот. За следните обуки, кои ќе ги има и на други теми, тимот ќе биде друг, зависно од темата секако.

Не ми преостанува ништо друго освен да се надевам дека нема да се пропушти оваа ретка шанса, од прва рака и од искусни презентери, да се навлезе во тајните на интернет презентацијата, што се наметнува како  неминовност во време кога пенетрацијата на интернетот и популарноста на социјалните медиуми во Македонија е со вртоглав раст.

За детална агенда околу тоа што ќе опфати оваа обука и потполнување на пријавата за обуката, одете на официјалниот сајт на newmedia.org.mk