Ribaro MK

ништо не е наивно, само така изгледа

net-activismИмајќи го во предвид фактот дека денес социјалните мрежи се достапни за секого и секој може да си дозволи пристап до мрежата, што мислите, дали лесната достапност до ваквите медиуми влијае за кревањето на свеста кај граѓаните?

Достапноста сама по себе не значи дека влијае на свеста. Таа е само една иницијална нишка, која треба да се препознае, која треба да се осознае дека е алатка што може да е и „оружје“ ако правилно се искористи и користи. Социјалните мрежи и дигањето на свеста кај граѓаните  се како Десетка кебапи со кромид и десетка без кромид. Но, проблемот е што социјалните мрежи кај нас до сега се консумираат како евтина чоколада. Не дека немало обиди да се влијае на апетитот, но се покажа дека консументите се на строго свесна диета

Дали мислите дека граѓаните во Македонија се свесни за моќта која што ја имаат во своите раце?

Се шпекулира со повеќе стотици илјади корисници на социјалните мрежи во Македонија. Кога само една четвртина од нив би биле свесни за моќта што ја имаат, тогаш корисниците би биле критичка маса, која и те како би можела да влијае врз случувањата , како политички, така и социјални. Има исклучоци, но  за жал, она со евтината чоколада…

Дали сметате дека дебатите на социјални мрежи, форуми и сл. можат да придонесат за подобрување или решавање на некој општествен проблем?

Токму тоа би била основната моќ на социјалните мрежи во едно нормална држава. Но, колку и да звучи како клише, ние сме далеку од нормална држава. Кај нас социјалните мрежи, политичките партии ги користат за да регрутираат. Тоа би било сосема нормално, кога не би регрутирале за ескалирање наместо за решавање на некој пробле. Настаните Црква на плоштад, на Кале… се пример за злоупотреба на социјалните медиуми од страна на мегафоните на власта. Од друга страна, тука се и #протестирам, #наточка и слични иницијативи кои ствараат галама и можат да се препознаат како производ стриктно од социјалните мрежи. Токму тие искри, даваат надеж дека сепак не е сè труло во државава Данска.

Има ли шанса да се демократизира македонското општество со помош на социјалните мрежи?

Целата моја јавна општествена активност од 2005-та па навака, е насочена кон блогот и социјалните мрежи и нивно артикулирање како авангарда и антипод на мејнстрим медиумите .  Ако се прашувам јас, наместо онаа смешка од Собрание на РМ, би поставил Твитер Собрание, зашто таму последниве 5 години има повеќе демократија, идеи и иницијатива, отколку во сите амандмански расправи и буџетски калакурници во македоското Собрание од 1992 па наваму. Но, проблемот е како тоа да излезе од социјалната мрежа и да се препознае како вистинска вредност. Е, тука доаѓа оној парадокс, кога мора да се признае дека за да се артикулираат дебатите од социјалните мрежи, денес, сè уште ни се потребни мејнстрим медиумите како катализатор.

Што мислите за цензурата од страна на властите и за самоцензурата кај новинарите и воопшто кај обичниот граѓанин?

Ако може да ги оставиме на страна затворањето на А1 Телевија и оние преземања на некои весници и телевизии од сопственици блиски до власта, укинувањето од некои телевизии на емисиите „Во центар“ со Васко Ефтов, и најново „Вин-Вин“ со Оливера Трајковска, тогаш, нема цензура во Македонија. Но, како по богу може да ја оставиме настрана таа суптилна цензура од страна на власта?!  Од друга страна пак, денес е многу тешко да замолчиш некого на Интенет, а и уште потешко е да најдеш некого кој има да каже нешто. Ниту со еден закон не се негира или ограничува слободата на говорот, па колку и да сака тоа некој да го прикаже или признае. Прашањето е зошто никој не го говори тоа што го мисли, туку тоа што другите сакаат да го слушнат? Зошто шушките во џебот, директорското место, позиционирањето кај властодржецот се причините за тоа како треба да изгледа еден текст, емисија, вести, како треба да се артикулира сопствен став во јавноста… е тоа е прашањето што треба да го одговориме. Тоа ли е автоцензура? Не сум сигурен кој би бил правилниот термин. Денес имаме апсурд, врвни уметници – директори и нивни апологети од фелата протестираат против опозицијата, зашто оваа го опструлирала донесувањето на буџетот. Еден од нив и јавно на Фејсбук и се закани на една нивна уметница – вработена, зашто одбила да ги поддржи, а вие сакате да говориме за самоцензура. Само неколкумина се осудија јавно да застанат зад Мери. Денес имаме искошкани и кренати на клоци новинари од Собраниската сала, а од друга страна истите тие (со малку-гласни исклучоци), се обидуваат да ја релативизираат лакрдијата. Не, тоа не е ни цензура, ни самоцензура, тоа е некоја нова дефиниција на малциозност, можеби и малодушност која не може никако да се оправда. Е сега, кога имаме таква неколегијалност од јавните личности за нивни проблеми, не знам што може повеќе да се очекува од обичниот граѓанин. Оние наши крикови по социјалните мрежи можат да манифестираат самосвест и иницијатива, но ни оддалеку не можат да манифестираат масовност кога овие сами тоа не го сакаат.

Која е предноста за Вас, во споредба со условите и технологијата која беше на располагање пред 10-15 години.

Се вика Интернет, зашто мејнстрим е за привилегирани! Ова е време кога мејнстримот почнува да ги препознава социјалните мрежи не само како агрегатори на информации, туку и како моќна алатка за промоција. Технологијата за пишување пост, правење на клип е најблаго речено “For Dummies” Ова е мое време – наше време.  Ова е време кога за 5 минути отварам блог; за пола час пишувам пост; за 5 дена правам видео клип; за 5 минути тој клип го виделе неколку илјади пријатели од социјалните мрежи и едновремено 5 дена ако те нема присутен на истите, заборавиле дека постоиш. Сè е работа на присутност, квалитет и интензитет.

Што според вас би било најдобро решение за да се едуцира еден народ и да сфати дека традиционалниот медиум скоро не е нивни, дека единствен медиум кој што сè уште можат да го владеат се социјалните мрежи?

Околу 7 години сум присутен на блог и по социјалните медиуми и знаете до скоро кои се констатациите и ЧПП од моите познаници:

Си чкрткаш, а?
Кај најдуваш време, алал да ти е?
И кој го чита тоа, многу ве има?
Со паричка како е, има нешто?
Че те затворат море, пазисе шо прајш!

Имам впечаток дека после #протестирам за Мартин Нешкоски, работите се променија, и на социјалните мрежи во Македонија почна да се гледа малку поинаку, отколку на комуникациска алатка за заебанција. Ако некој настан продуциран од социјалните мрежи може да добие гласност, тогаш социјалните мрежи ќе бидат препознаени и од оние скептици – мои познаници што ми ги поставуваат ЧПП. Колку тоа ќе добие на интензитет, зависи од нас – корисниците на социјалните мрежи. Едукацијата тука може само да помогне како иницијација, но ако го немаш тоа чувства на себеартикулација во себе, тогаш залудна е сè. Од друга страна, блогот и социјалните мрежи се местата каде тоа чувство на социјален идентитет и желбата да сакаш да ги менуваш работите кои те засегаат се јакне, па така, тоа е како еден организам. Едноставно, мора да се има тоа чувство.

Што мислите за случувањата во изминатите две години кај нас. Дали случајот со Мартин Нешковски и протестите кои што беа организирани преку социјаните мрежи успеа да ги отвори вратите за  похрабрите граѓани да започнат да го креваат својот глас преку овие медиуми?

Одговорот ми се испреплетува со одговорот од претходното прашање. Мала аналогија:
За некого демократијата во Македонија умре со црниот понеделник во Собранието. Верувам дека за Синоличка Трпкова, тоа беше моментот кога Бранко Ѓорчев се обиде да ја замолчи Мери Георгиевска; за млекарот Душко, тоа е сигурно кога му монтираа судски процес за одгледување на марихуана; за дедо ми кога не му дале боречка пензија иако на свои 17 години бил три пати ранет на Сремски фронт…

За мене демократијата во Македонија умре со обидот за заташкување на убиството на Мартин Нешковски, од страна на власта! За прв пат во Македонија се виде моќта на социјалните мрежи со случајот на Мартин. Се организиравме преку Твитер и Фејсбук, агрегиравме на блогот Правда за Мартин http://justiceformartin.blogspot.com/ и Протестира.ме, имавеме иницијативи со видео содржини кои одеа преку Јутјуб, малтене преку социјалните мрежи одеше сè околу #протестирам.  Не толку со масовноста, колку со упорноста и невиноста успевавме да се наметнеме. Еден ден излегов на протест во Прилеп, со парола „Ако не ви е срам, оставете ме сам!“, за наредниот ден да нè има неколку стотици. Со нашата активност успеавме да наметнеме и актуелност кај традиционалните медиуми, се дадовме себеси во истерување на правдата за Мартин. Дали и колку успеавме, е отворено прашање, но ние верувавме дека можеме нешто да промениме и одевме до крај.
Зошто оваа аналогија? Ако некој е неспособен да го препознае проблемот и виновникот за истиот, тогаш можеш колку сакаш да се дереш и да му укажуваш на неговото демократско право и можност. Можеш триста Фејсбук профили и Твитер акаунти да му отвориш со по 5к следбеници, да организираш истот толку семинари за едукација и пак ти е бадијала, кога Тој нема да гугне за својот проблем, не зашто не знае да ги користи алатките, туку зашто е индолентен,  не сигурен во себе, му e страв од самиот себе, или еднастоавно му е страв. Протестирам за Мартин, покажа дека тоа може да се смени. После  #протестирам, социјалните медиуми во Македонија добија една друга – моќна димензија и се наметнаа како фактор во медиумскиот простор.

Дали бевте соочени со одредени закани/ “технчки“ проблеми поради вашите активности?

Неколку пати ми е хакиран www.ribaro.mk  од страна на Косовски хакери, но тоа сигурно не е мотивирано од нешто што сум го напишал, туку од чисто технички пропуст на хостерот. Ако се изземат редовните мејл закани, закани во коментари после секој постиран видео клип, конкретни закани немав. Но, пред една година двајца неидентификувани батки ми дојдоа на дуќан и ми порачаа: Ти се бе Рибаро? Рибар, пази шо прајш! Пораката беше јасна и конкретна. Ме прашувате дали тие закани имаат некое влијание? Секако дека не ми е сеедно. Но, иако конкретни, не ги земам за сериозни, може зашто и тие сè уште не ме земаат до толку за сериозен (смајли).
Одам понатаму!

Прашањата се поставени од Елена Фиданска – @fidanska, за потребите за магистерска теза за граѓански активизам, социјални мрежи и демократија

“Социјалните мрежи како основа за демократизација на глобалното општество” 

Краток вовед околу темата на истражувањето 

          Објавувањето и споделувањето на информации и податоци преку интернет, односно преку социјалните мрежи претставува основата на денешното општество, т.н. електронско општество. Иако, социјалните мрежи на прв поглед делуваат апстрактно и нереално, сепак, тие се “суровата реалност“ за политичките и економските структури, па и традиционалните медиуми, кои се обидуваат да го фатат чекорот со времето. Во никој случај не треба да ја потцениме моќта на социјалните мрежи и ефектот кои што тие го имаат при креирањето на општествената слика денес.

          Почнувајќи од блоговите, па преку поинтерактивните социјални медиуми како Тwitter, Youtube, Facebook, па  се до Wikileaks, протокот на информации кон граѓаните стана важен дел од секојдневието, а и основен фактор за креирање на јавното мислење и развојот на демократијата и слободата на говор и информирање

Не е само тренд “мас-медиумите“ да бидат играчка во рацете на популистите и на групите за промоција. Со напредокот на комуникацијата, информатичко-комуникациската технологија ја има намалено цената на информирањето. Исто така оваа технологија ја има предноста да им се допадне на малдите, група која традиционално не е заинтересирана за политиката, а од друга страна традиционално секогаш привлечена од новите технологии. Оваа форма на комуникација Castells ја нарекува “мас-самоискусија“, форма која што сама ја создава содржината, сама насочува кон емитување и сама избира при разбирањето на она што многумина го разговараат со останатите. Во секој случај, оваа форма им овозможува на неконвенционалните политички актери брзо да се здружат во мрежи за да се истакнат, можеби и за да успеат.

Меѓутоа, она што би претставувало предмет на ова истражување е податокот за тоа дека Wikileaks, Twitter, Facebook и останати социјални мрежи не се институции со физичка адреса. Тоа  ни покажува дека физичката присутност на некое место не е основниот предуслов за да се добие вистинската слика за него. Тоа, всушност, е моќта на интернетот и споделувањето на информациите. Општеството кое порано го знаевме и за кое сметавме дека “физички“ постои, сега е истиснато од “над општеството“, кое ја има целата моќ во свои раце. А тоа општество не е изградено од поеднинци, туку од нас, самите граѓани кои користејќи ги новите сервиси за информирање помагаме во изградбата на едно ново демократско општество.

Ви се допаѓа? Споделете го со вашите пријатели

Би можело да те интересира:

Categories: Интервјуа

Коментирај со Фејсбук:

4 Responses so far.

  1. polard says:

    Ribaro Ај со среќа нека ти е! Белиим ти ке бидеш една од капките во оеканот која се распознава од која река допливала! Поздрав!

    • ribaro says:

      Полард, фала ти! мора да испливаме.

      • Trisha says:

        Alla andra är smarta nog att lägga sej 🙂 I den här sÃmuekonk¶rsnn gör nÃ¥gra extra kvarter inte sÃ¥ mycket.. kram och sov gott snart!

  2. Libby says:

    Your titel to these entries, makes the song "On The Raqiu&doot; by Regina Spektor play inside my head…but hey…great initiative. It gave me an idea…


Sponsors

  • Лиценца

    Creative Commons License
    Овој блог - дело by ribaro е лиценциран со Creative Commons Наведи извор-Некомерцијално 2.5 Macedonia License.
    Засновано врз работата на блогот: ribaro.mk.
  • Пик

  • Категории

  • Архива