ЗНМ со предлог за самозабрана

Независниот синдикат на новинарите на Македонија, како резултат на последните случувања и немоќта на новинарите да препознаат веродостојна вест и истата соодветно да ја пласираат, излезе со предлог до Здружението на новинари на Македонија. Имено, Синдикатот предлага ЗНМ да и предложат на Владата на Македонија, да се донесе закон со еден и единствен член:

Самозабрана за вршење на новинарска дејност.

Се претпоставува законот да е времено регулиран – една година, а едновремено се предлага тој период да се искористи за доедукација на комплетниот новинарски кадар во Македонија. Понатаму, се предлага посета на курсеви, семинари и работилници, кои ќе им помогнат на новинарите да ги совладаат вештините за препознавање на веродостојните вести и информации. Еден од најпознатите српски сајтови Njuz.Net, кој на последните Парановинарски бисерни вести, одржани годинава во главниот град на Нарнија се закити со златен медал, се понуди да посредува во доедукацијата на македонската новинарска фела. Едновремено, УСАИД договори комплетно отворање на архивата на престижниот The Onion.com, сè со цел да се сподели искуството и правилно да се искористи периодот на самозабрана. Нашиот репортер – Кромид Бучин, јавува дека на вонредното собрание на ЗНМ одржано вчера, со акламација биле прифатени предлозите на Синдикатот. Единствено останало да се разгледа дали периодот на самозабрана од една година е доволен, или треба да се пролонгира. Од службите за контраинформирање на Владата, јавуваат дека ќе биде проблем да им се објасни на дипломатите од ЕУ дека тоа не е нивна, туку идеја на самите новинари, но и дека се спремни да излезат во пресрет. Ако не се донеси законот вака како што е предложен, од ЗНМ се закануваат со генерален штрајк во траење од една година, што би го постигнал истиот ефект. Како поткрепа од неопходноста од донесување на законот, се повикуваат на една од основните цели и задачи:

– ЗНМ го заштитува угледот и достоинството на новинарот и новинарската професија и ја заштитува и поттикнува слободата на критичкиот и креативниот труд.

На прашањето од Кромид Бучин, зошто е потребно самозабраната да се регулира со закон, од ЗНМ досега без одговор.

Пара пост

Комитите и Балистите заедно славеа

Со победата над Металург, Вардар ја завери титулата првак на Македонија . Навивачката група Комити најави големо славје. Агендата, според сајтот на Комити, предвидуваше да се формира караван, кој би тргнал од последна 5-ка во Ново Лисиче и сите со коли, веспи, велосипеди, да го обиколат Скопје и да направат Комитски вечерен земјотрес, кој ќе финишира со журка во Школка – Градски парк. Нашиот пара репортер го покриваше настанот и еве што пишува во неговите белешки.

Имено, само што почнала прославата на која почетно беседел Гиш, од далечината се чула како ечи химната на Комитите од Цеки: Вардар шампион закон е на стадион!♪  Одеднаш штама. Погледите на сите се свртиле кон неколку илјадната толпа што ја пеела химната и одлучно се приближувала придружувана со зурли и тапани, транспаренти и знамиња од етничка Албанија и Македонија исповрзани едно до друго.

На чело од толпата биле Шкљзен и Арлинд – водачите на Балистите, кои видно расположени мавтале со македонското знаме и им лепеле евра на свирачите. Како што се приближувале до Школка, Балистите формирале оро. Можеше да се препознае кореографијата од Пајдушко оро, која мора да се признае Балистите добро ја извежбале. Така, со оро се измешале со бројните Комити, кои видно изненадени се фатиле на орото и заедно продолжиле да играат и да си честитаат едни на други. На неколку метри од вијното оро била собрана навивачката група Војводи кои биле гости поканети од Комитите и нешто дискутирале. По кратко време и тие се фатиле на орото и водачот на Војводи се изгушкал со Шкљзен  на многу срдечен начин, што на шега било дофрлено да не се претерува многу, зашто едно по друго може којзнае како да заврши. Адреналин, прегратки, бодрења и сè тоа залиено со густи сокови од Виножито Спектар кој бил покровител на журката, собирот финиширал со еуфорично пеење на познатите песни, но сега со поинаква реторика. Комитите и Војводите пееле:

За ал-бан-ци, локум-баклави, локим-баклави, локум-баклави… ♪,
Балистите возвратиле со: Ма-ке-дон-ско девојче, китка шарена…♪, за потоа, заедно да пеат: Излези момче на Скендерова тераса и поздрави ја Гоцевата раса…♪

Ечела песната од Школка до Вардара река, а толпата братски навивачки групи, спонтано се упатила кон Плоштадот. Некаде кај Старата скопска чаршија, им се придружиле Унијата на млади сили во прегратка со Социјал демократската младина, а нешто подалеку во сличен љубовен занес и младите од ДУИ и ДПА. По пат им се придружиле и Распеани скопјани. Нашиот пара репортер не можел да ги задржи солзите, кои непрестајно навирале од неговите очи, па во неможност да се воздржи од радоста, во транс пробал да се обеси на скелето од новиот грандиозен споменик Воин. Очевидецот кој ни ги испрати белешките од пара репортерот, вели дека пара репортерот не успеал во намерата, бил спречен од братските навивачи, кои го качиле на рамења, му дале тетрапак и го претопиле во еуфоријата.  Прославата продолжила до раните утрински часови.

Пара пост

 

Ексклузивно! Кинеска компонента виновна за немирите во автобусите

По повод инцидентите во градските автобуси низ Скопје, кои резултираа со ескалација на меѓуетничката нетрпеливост помеѓу македонците и албанците, Министерството за внатрешни работи во соработка со Агенцијата за генетски инженеринг, излезе со експресна реакција и анализа на настаните. Имено, Агенцијата, причините за агресивноста и дивеењето на младите низ автобусите ги лоцира во компонентата со име перпетуглупиве што се наоѓа во пластичните елементи вградени во новите градски автобуси произведени во Кина.

Кинеските производители, по брзата дојава од нашата Агенција, известиле дека вградените елементи во автобусите биле изработени од рециклирана пластика што кинезите ја собирале од пунктовите од областа во Пакистан, каде што живеат Хунзите и Калашите. На ова, нашиот научен тим експресно констатирал дека компонентата перпетуглупиве, причинува реакција и резултира со агресивност кога доаѓа во контакт со ДНК -та кај единките кај кои доминира античко-македонскиот и албано-илирскиот ген. После оваа научна теза, министерката Јанкуловска и вицепрепиерката Арифи, на заедничка прес конференција констатираа дека меѓуетничките односи во Македонија се и повеќе од релаксирани, а инцидентите ги лоцираа во хемиската реакција на  македоците и албанците на компонентата перпетуглупиве.

Арифи, на пресот истакна дека агресивноста на македонците и албанците кога се наоѓаат во присуство на перпетуглупиве, треба и понатаму да се анализира, а дотогаш, пластичните елементи од автобусите на ЈСП да се заменат со гумени. Поврзаноста пак, на рециклираната пластика од Хунзите и Калашите од една страна, и македонско-албанскиот ген од друга, може да резултира со заеднички корени на албанците и македонците, а Хукзите и Калашите да се токму нашата заедничка нишка.

Владината делегација на чело со Премиерот Груевски, која се наоѓа во посета на Индија, по оваа дојава, вети дека ќе намине кај Хунзите за да земе примероци од нивната крв кои понатамошно ќе се анализират. Каков ќе биде резултатот од овие анализи останува да видиме, но присутните на пресот можеа уште сега да го видат задоволството на лицата на Арифи и Јанкуловска од нивната можна сестринско-генетска поврзаност.

Истовремено, МАНУ, излегоа со предлог, нашиот научен тим кој работи на перпетуглупиве, да конкурира за Нобелова награда за хемија, а на Академијата во Стокхолм, им предлагаат да воведат и Нобелова награда за меѓуетнички односи.

Пара пост