Ribaro MK

ништо не е наивно, само така изгледа

Обрачот

Како и твоето, така и нашето маало си имаше маалски силеџија. Овој – нашиов, не беше голем и незграпен по раст, но имаше двајца големи браќа шо не тероризираа константно. Ние имавме околу 11 години, а тие – Кусио, Селото и Целе, ни го земаа џепарлакот секогаш кога че не начекаа сам-по-сам. А, нè начекуваа често.

Со мене завршија тогаш, кога татко ми се враќаше од оние воени вежби на кои одеше често во офицерска униформа и сосема случајно ги начека како ме тормозат, па ги збрка. Татко му од Боби пак,  работеше на бензиска и неговата униформа тогаш не беше толку страшна. Јас и Боби, бевме 80 кг. жива мера заедно, а поединечно за глава помали и од Сашка и од Моника.

Беше жешко, при крај на школската година. На големиот одмор седевме зад училиште под боболката. Се појавија од нигде-никаде. Мене ме одминаа, а Боби го претресуваа. Селото стоеше по страна, а Кусио почна да му превртува по џебовите. Боби се измолкна некако и летнавме да бегаме в училиште. Се збоднаа по нас, Бегавме и ги пцуевме. Не не стасаа. Чичата Лаке, со поглед нè испрати од канцеларија и дур му текна да нè праша шо-како, му ја спраштивме. Во училницата беа присутни половина од учениците од класот.

Боби се избендери на првата клупа и раскажуваше шо ни се случи, па на крај рече:

– Јас пари појче на битангиве не му давам, нека ме тепаат!

Штама. Се пулевме еден во друг и машки и женски – такви жгољави ко шо бевме и невредни за тепачка и знаевме дека че го кркаме стапо. Заврши последниот час. Боби тргна, ние – и машки и чупиња, како и што се договоривме претходно, тргнавме по него и околу него направивме обрач. Надвор седеа Кусио и Селото, а Целе држеше некој џукац, врзан околу вратот со конец за тутун. Џукелата повеќе се давеше отколку шо лаеше, но битно од муцките се пењеше, впрочем како и Целе. Го чекаа Боби, нè начекаа сите нас. Се здрвивме. Траеше тоа момент-два, па тргнавме. Тргнаа и тие по нас. Ќутат тие, ќутиме и ние и одиме накај Типските, кај шо пред некое време се преселија Боби. Се слушеше повремено тажачката на џукелата, како резултат од неписмените чворови шо беше му ги околувратил Целе пијаницата. Ми беше срам да кажам дека ми е страв. Не знам за другите, но сигурно и на Моника и беше страв, зошто ми ја искина подлактицата од стегање, ама одевме така како жив обрач околу Боби.

Кусио не пцуеше сите по цел пат, но немаше газ да чепни ни еден од нас. Бевме силни заедно. Бар така си мислев дека другите мислат. Јас пак, знаев дека че се спасиме ако стасаме до мостот кај оградата на која шо пишуваше – Тексас маало. Тоа беше територијата на Баксузи – другата маалска банда отаде реката.

Стасавме.

Си заминаа.

Никогаш повеќе не ни побараа пари, на никого од нас учесниците од обрачот околу Боби. Понекогаш дури и се поздравувавме со Селото ко че се сретневме.

По триесетина години од тогаш, утрото – два дена после Велигден, ги видов Селото и Целе, како седат пред Менувачницата кај Участакот. Тоа е најмалиот од повеќето дујќани во Старата чаршија, шо се шушка дека ги поседува Кусио.

Попладнето, истиот ден, со полнолетната Мазда 121, отидов во Лук Оил, како и секогаш  да турам бензин  за 500 денари и да ги напумпам гумите. Тогаш со Боби се видовме и скршивме лаф муабет за последен пат:

– Кај си бе?
– Еве ме заебава деснава.
-Секогаш заебава десната. – ми рече.
– Ај се гледаме…

Не се видовме.

,,,

Уште мислам дека ги слушам тажачките од џукелата, околувратна со  чворови од тутунски конец.

Понекогаш дури и ме болат.

 (расказот е вистинска приказна)

Roberto Belicanec

 

Ви се допаѓа? Споделете го со вашите пријатели

Би можело да те интересира:

Коментирај со Фејсбук:


Sponsors

  • Лиценца

    Creative Commons License
    Овој блог - дело by ribaro е лиценциран со Creative Commons Наведи извор-Некомерцијално 2.5 Macedonia License.
    Засновано врз работата на блогот: ribaro.mk.
  • Пик

  • Категории

  • Архива