Ribaro MK

ништо не е наивно, само така изгледа

Мртовечко сокаче

rosemarys-baby

Претпоставувате ли зошто во вечерашната претстава „Швејк во Втората светска војна“, главниот лик – Швејк (Владимир Ѓорѓијоски), не се појави да ги собере аплаузите откако заврши претставата, а на претходната буквално го измолкнаа од сцена колегите кога беше завршниот аплауз, зашто и тогаш упорно објаснуваше дека оваа претстава не е театар, туку она што ни се случува? Претпоставувате ли зошто не ми се одеше на пијачка со моите пријатели откако заврши претставата, туку брзав да претпоставувам тука? Бадијала претпоставувате…

Тоа за вас е далеку? Далеку е три патарини во еден правец, а на моите прилепчани далеку им се и оние 50 метри од Мртовечко сокаче до главната порта на Театарат. Што ви е вам блиску? Вам блиску ви е некој споменик, па го облекувате, покривате, соблекувате и уривате, а на чаршиските мои Итарпејовци блиску им е кој главуч е на менито на татко Марјан за тртење. Борете се само вие со бетонски ветерници и Орбани, ооо… Донкихотовци вие урбани и авангардни пустеници мои.  Само вие занимавајте се со поликлиничките Макала што сега сркаат од една, а после од друга лешина ќе цицаат. Само вие консумирајте умрени приватишпедизации, или претпоставки на сенилни полуумрени андовизации, или пак еве – липајте по разно-разни бизнис збиранки на извикани голомадести ѓоа хумористи. Само вие сконцентрирајте се во Градот убав и локализирајте се, а вие пак од пред Соник, премерете колку пичкини влакна има до кај Биџо и назад.

Немој случајно да се заморувате и да сте претпоставувале?!

Нема да прочитате претпоставки никаде. Во ниеден весник, на ниедна телевизија утре нема да претпоставуваат зошто таму некојси Швејк, во таму некојси Прилепски народен театар, не излезегол на сцена за да му аплаудираат. Утре сите вие ќе пишувате за раѓањето на новиот милионски мувлосан старо-нов театар. Утре, едни ќе го глорифицираат, а другите пак, ќе го сатанизираат Плевнеш-Пројковото Розмарино бебе. Сите ќе ја коментираат поламилионската посрана тетатарска завеса,  профитерските мевови придружувани од цицките на деколтираните позерски теткици и кој колку им се испомочал на златните писоари, а и едните и другите, всушност, наместо барем да ја игнорираат и мумифицираат премиерата во знак на револт, едноставно ќе ја актуелизираат.

И сето тоа се случува дури во закрпениот – Прилепскиот театар, стенка револуција, но никој не сака да ја породи. Да, таму – на некои педесетина метри од Мртовечко сокаче (по истото сокаче по кое порано Цуре ги носеше крстовите и поскурите на прилепчани), таму од утробата на Мартин, Влатко и дружината во страшни породилни болки се роди Швејк, се раѓа револуција.

Зошто не ја препознавате?

Сподели на:

Би можело да те интересира:

Коментирај со Фејсбук:

2 Responses so far.

  1. урбан орбан says:

    Искрени честитки на сите протагонисти.

    Жал ми е што „централизираниве“ си се бават со глупостите од пола милијарда евра, ради кои државата е задолжена, животната средина загрозена, здравиот разум погазен, а човечки судбини уништени.
    Но исто така звучеа кога се чудеа и тие зошто на никој надвор од центарот не му пречи овој криминал и зошто никој надвор од центарот не ги приметува нивните мали револуции и одбивања на признанија, работни места, а и губење на истите. И сето тоа само на 3 патарини од дома, а за некои и 10 минутна прошетка.
    Излишни зборови за нешто што очигледно предизвикало толку силни емоции кај авторот. Такви бурни доживувања заслужуваат поклавитетни постови од овој.

    • ribaro says:

      Овде се пресликани емоциите, во еден здив, без запирања, подумувања, бришење и рационализирање. Поривот, кога излегува, не го насочувам квалитативно, туку го оставам да бликни, онака сурово. Орбан, не ни треба да очекуваш тука поквалитетни постови, овде имаш една различно спакувана искреност. Само тоа можам да го ветам.
      А за малите револуции и релацијата центар внатрешност и обратно се согласувам. Ако ме следиш внимателно на блогов, ќе видиш дека имам мавано и во двете релации.


  • За мене

    Блогот го зеде моментот на идентификација. РИБАРО надвладеа со мојата иницијација. Овде нема заменска именка за реставрација. Се‘ е една глаголизирана сегрегација.

  • Лиценца

    Creative Commons License
    Овој блог - дело by ribaro е лиценциран со Creative Commons Наведи извор-Некомерцијално 2.5 Macedonia License.
    Засновано врз работата на блогот: ribaro.mk.
  • Пик

  • Категории

  • Архива