Ribaro MK

ништо не е наивно, само така изгледа

Еден од нас мора да замине

Гостински пост на Ирена Цветковиќ – Фемгерила

10659145_10204940417454610_7627016948627201857_nЕДЕН ОД НАС МОРА ДА ЗАМИНЕ
Има еден миг, еден момент кога секому му дошло да врисне „Доста е!“, „Јас не можам повеќе. Заминувам од ова“. Знаете, она кога си во мачна врска, насилна, релација во која едната страна ве полни со себеобвинување за сите животни падови и неуспеси, додека истовремено ги презема за свои сите ваши издигнувања и успеси. Врска во која сте постоеле единствено заради задоволување на апетитите, мегаломанската алчност, душовна, емотивна, материјална ненаситност на другиот. Однос кој ве исцрпувал емотивно, материјално, телесно, психолошки, интелектуално.
Да, луѓе мое, Каракамишева е во право. Ние заминуваме од Македонија или попусто копнееме за то,а заради мачната релација во која сме заробени со нашата држава. Тоа е однос меѓу алчни манијаници, болни амбиции и перверзна злоба од една страна и изгубени, очајни и комплетно понижени човечиња на кои единствено што ни преостанува е да се јадеме меѓусебе за да преживееме од друга страна.
Ние сме онаа генерација која својот однос со својата држава го градеше преку древната вештина: наведни се и моли бога да бидеш подобен за јавање. Растевме со траумите на нашите нагло осиромашени родители во транзицијата, се образовавме во систем во кој итроштината се изедначи со интелигенцијата, кој препишувачите ги сметаше за снаодливи, а учените за наивни, градевме семејства обврзувајќи се на благосостојба додека губевме работни места заради партиска неподобност, зрееме во параноја од здравствениот систем кој убива наместо да лекува, старееме во неизвесност на пензиските фондови и умираме со долгови заради бањско лекување кое е подарок ама од наши пари. Целиот живот го фрливме во оваа болна врска со држава која е дувло на немилосрдни криминалци маскирани во сериозни типчиња и елегантни госпоѓи. Додека не` силуваат тие ни шепотат милни совети за тоа колку деца треба да имаме, како здраво да се храниме, дали да пушиме и пиеме, како да љубиме, што да мислиме, од кого да се плашиме. Ни раскажуваат успешни приказни за божемни стечајци кои во моментот кога ја губат работата им светнува генијална бизнис идеја, за тазе дипломци кои развиваат милионски бизниси, за домаќинки кои своите колачиња ги претвораат во брендови, мотивирајќи не` со едно кратко ОСМЕЛИ СЕ.
И така, во недела навечер, кога завршуваш уште една по ништо посебна седмица и се спремаш за следната со тронка надеж, кога си успал детето и конечно можеш да здивнеш од лагите за совршениот свет кој си му ги сервирал за да остане барем тоа здраво, кога сфаќаш дека си се осмелил барем илјада пати ама попусто, седиш сам со себе и голташ дијазепам за да заборавиш на кредитот и заканата од извршител. Ама луѓе мои, дијазепамот веќе не удира како порано. Стануваш свесен за таа болна врска во која си се заплеткал со мороните кои ја водат твојата држава и знаеш, тотално ти е јасно дека ЕДЕН ДО НАС МОРА ДА ЗАМИНЕ.

 

Ви се допаѓа? Споделете го со вашите пријатели

Би можело да те интересира:

Categories: Разно

Коментирај со Фејсбук:


Sponsors

  • Лиценца

    Creative Commons License
    Овој блог - дело by ribaro е лиценциран со Creative Commons Наведи извор-Некомерцијално 2.5 Macedonia License.
    Засновано врз работата на блогот: ribaro.mk.
  • Пик

  • Категории

  • Архива