Ribaro MK

ништо не е наивно, само така изгледа

Покрај огнот

Image Hosted by ImageShack.us

Коледе. Покрај огнот седум-осум души и една вистинска прикаска. Раскажувачот, 75 годишен човек:

– „Таа зима – ‘50 година имаше снег метар и половина. Ние бевме тројца студенти од Прилеп во Скопје. Бевме сместени во стан кај (ми го кажа името, но не го запамтив) најпознатиот градски пајтонџија. Не знам што му се случи на човкот и така среде зима – јануар месец му текна дека треба да се селиме. Останавме тројцата подзинати. Каде сега ние јадни души да најдиме смештај во Скопје, па згора на тоа и среде зима? Му се нажали малку кога не виде така подзинати од очај и ни предложи да одиме во неговата куќа (која не ја користел) во Црниче.

Тогаш Црниче се чинеше како да е блиско село, но немаше друго – ги зедовме клучевите и правец таму. Седевме една недела во куќата во Црниче, а пред тоа бевме купиле за јадење и пиење и цигари секако. Снегот не престануваше да паѓа цела недела, а цигарите ни секнаа. Без јадење се можи, но без цигари некако тешко. Патот до градот беше завеан.

Наносите беа толку големи што моравме на смени да го расчистуваме патот. Откако некако успеавме да се добериме до најблиската градска кафеана, така измрзнати како пилци, се скостивме на масата до пампурот кој ни беше единствен спас. Не ни беше првпат да седиме во меаната, меанџијата знаеше дека сме студенти. Нарачавме бокал топло вино и три чаши. Го тегневме неколку часа. Меанџијата ни се пулеше со прекор и знаеше дека ја користиме кафаната како место за да се згрееме. Шаравме со погледите од немајкаде по масите, а на сите погледот ни остана здрвен, кон најблиската маса до нас.

Одкарши нас, на највидната маса во кафаната, седеше еден пицикато дотеран млад господин со лептир машна, шешир и бастун. Не погледна, се насмеа под мустаќ и со очите го повика меанџијата. Промрмореа нешто и наредниот момент, ете го менаџијата како иди кон нашата маса. Во меѓувреме господинот од видната маса, стана, успат со наклон ни накриви шешир, се насмеа и продолжи со палзи-лери чекор кон излезот.
Меанџијата почека да ја напушти господинот меаната и ни се обрати: – Од денес оваа маса секогаш ќе биде резервирана за вас. Ваше е да одлучите дали ќе јадете или само ќе пиете и ќе се греете, а за другото сум задолжен јас. Останавме подзинати (по вторпат во една недела), а меанџијата ни го разбра прашањето: – Господинот што пред малку замина се погрижи за се‘. – Кој е човеков – прашавме хорски и се испуливме еден во друг? – Тој се вика Петре Прличко и е глумец. Во моментот името не ни значше ништо, неговата човечка големина ни бепе поважна од неговата професија. Знам само дека уште еднаш, во меаната не се сретнавме со Петре Прличко.

Во меаната одевме дури не заврши зимата. Јадевме и пиевме – не велам не, ама со усул, но не ја користевме веќе за греење. Се греевме во зградата на Театарот, кој ни ги грееше и коските и душата. Ете тоа внучко е човек-големина, – заврши колегата коледар со својата приказна.“

Продолживме да ги м‘цкаме колбавчињата, а јас бев среќен и покрај фактот што шура ми ми истури цела чаша црвено вино во скут.

… Има луѓе – помислив.

Ви се допаѓа? Споделете го со вашите пријатели

Би можело да те интересира:

Categories: Раскази

Коментирај со Фејсбук:

One Response so far.

  1. admin says:

    #
    ХулаХопа напиша:

    екселент …
    22 Јануари, 2007 – 15:33 | избриши | одговори)

    #
    cOOOklOOOk напиша:

    Ретки се такви луѓе во сегашно време.нНо сепак ги има и денес. 22 Јануари, 2007 – 15:35 | избриши | одговори)

    #
    Spartak напиша:

    Бев клинец.
    Локација: трафиките кај Мала Станица и кај трафиката на Тутун иде Петре облечен како во описот кај тебе, озбилен и вели: Моме, дај ми две кутиички Дрина (или Драва) без филтер.
    Абе смеа.
    Генот таков.
    Симпатичен, народен а господин.
    22 Јануари, 2007 – 15:39 | избриши | одговори)

    #
    RIBARO напиша:

    Несомнено голем човек.. редок. Интересен ми беше и жарот на раскажувачот.. имаше благодарен да не речам детски поглед дури ја раскажуваше анегдотата.
    пс: овој расказ одеше прво како коментар кај Volan
    22 Јануари, 2007 – 16:37 | избриши | измени | одговори)

    #
    Lorin напиша:

    Интересно… 22 Јануари, 2007 – 16:40 | избриши | одговори)

    #
    Леонова напиша:

    Петре Прличко – институција. Токму сега го гледав кај Спартак Благослов. Секогаш кога го гледам тој дел ми се плаче.
    Убав текст Рибар.
    22 Јануари, 2007 – 16:47 | избриши | одговори)

    #
    DULE VARVARINOT напиша:

    човек палнина се вели на нашки, туку друго ме заинтересира.Снежниот елемент е секојпат интересен за мене.Поздрав
    22 Јануари, 2007 – 18:04 | избриши | одговори)

    #
    org напиша:

    ехе… 22 Јануари, 2007 – 18:09 | избриши | одговори)

    #
    all_is_half напиша:

    убава зима, ќе жалиме за таквите зими….
    22 Јануари, 2007 – 18:41 | избриши | одговори)

    #
    RIBARO напиша:

    За многу работи ќе жалиме. но да не ги заборавиме… 22 Јануари, 2007 – 19:13 | избриши | измени | одговори)

    #
    кибицер напиша:

    Големите луѓе се препознаваат по нивните секојдневни мали нешта.
    Прекрасно доловено.

    поздрав.
    кибицер
    23 Јануари, 2007 – 00:55 | избриши | одговори)

    #
    Mama напиша:

    и самиот знаел како е. Затоа што не ретко додека патувал низ кафаните со своите патувачи актери бил повеќе гладен отколку сит. Затоа и знаел како треба. Се разбира актерска величина каква ќе ја нема. Затоа и ова е негова година. 23 Јануари, 2007 – 09:20 | избриши | одговори)

    #
    lucija напиша:

    Секогаш имало луѓе и ќе има(ама и не луѓе за жал …прашањето е кои се побројни?)А ПЕТРЕ ПРЛИЧКО-„човек големина“(нема што да се додаде).Поздрав. 23 Јануари, 2007 – 11:45 | избриши | одговори)

    #
    Natka напиша:

    Секој ден си кажувам ИМА и слушам по некоја приказна за тие што заслужуваат да бидат спомнати, но вистината е дека тие се ретки.
    Убава приказна РИБАРО! Smiling
    Уживав додека ја читав, супер. Smiling
    23 Јануари, 2007 – 12:12 | избриши | одговори)

    #
    Емил напиша:

    Браво, дечкичу! Ептен ме бендиса постов. Ама, не зашто е за Петрета, туку зашто сторијата е добра! Што би рекол Чехов: Тешко е да се биде човек!

    http://www.emilniami.blogspot.com
    23 Јануари, 2007 – 13:54 | избриши | одговори)

    #
    волан напиша:

    Петре е величина и инспирација …

    Туку друго ми е зборот … вие неколку талентирани пишувачи на добриот краток расказ да се организирате и да издадете книга … да речеме “Македонски Блог приказни“ … мислам дека ке стане македонски бестселер …

    А мене како творец и иницијатор на идејата ке ми се потпишете сите со една посвета … се разбира одкако ке си купам предходно книга …

    За почеток мислам дека е добро да се издаде вакво интернет издание – кое лесно би го организирале … а ке се најдат и заинтересирани издавачи …

    Одличен пост мој пријателе …
    24 Јануари, 2007 – 14:13 | избриши | одговори)

    #
    ЛУДА ГЛАВА напиша:

    најсссс…….
    го знам Петре Прличков. Живееше на моја улица. Секое попладне пред вести пензионерите од мое маало се шетаа и бистреа политика. Ние децата секогаш го чекавме чичко Петре Smiling
    Имаше нешто многу весело во неговиот глас кога не поздравуваше Smiling
    Жално беше да го гледаш на крај кога едвај одеше по улица, со туѓа помош, а сепак ја немаше изгубено ведрината во гласот Smiling
    Колку неповрзано ме потсети на детсвото Smiling Smiling Smiling Smiling
    15 Јули, 2007 – 18:01 | избриши | одговори)


Sponsors

  • Лиценца

    Creative Commons License
    Овој блог - дело by ribaro е лиценциран со Creative Commons Наведи извор-Некомерцијално 2.5 Macedonia License.
    Засновано врз работата на блогот: ribaro.mk.
  • Пик

  • Категории

  • Архива